• Иван Димовски
Екипата на Порто со гол во судиското продолжение го совлада Арсенал во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите (1-0). По мечот, тренерот на „топџиите“ Микел Артета му префрли на противничкиот тренер дека тактиката на Порто била да ја „сече“ играта со прекршоци.
Серџо Консеисао на прес-конференцијата дозна што прокоментирал Артета, па му одговори во голем стил.
„Тоа се вика визија. Арсенал сакаше да игра, ние сакавме да победиме!
Тренерот на Арсенал доаѓа од систем, од школа во која се фаворизира посед на топка. На крајот, тој беше асистент на Гвардиола и верува дека тоа е најдобриот начин за игра, држејќи ја топката. Тоа зависи од тимот со кој располагаш, од настапот, стратегијата. Односот во поседот на топката не е скандалозен. За нас беше важно дека знаеме што да направиме кога ја имаме во посед и на кој начин да поделиме директни пасови“, објасни Консеисао.
Реванш натпреварот на „Емирати“ е закажан за 12 март, а Арсенал мора да брка гол негатива.