Консеисао се жали на судењето: Се гледа дека не сме тим од најдобрите европски лиги...

Консеисао

Порто е пред елиминација од Лигата на шампионите, по домашниот пораз во четвртфиналето против екипата на Челзи.

Тренерот Серхио Консеисао имаше што да каже по мечот и се пожали на арбитражата на Словенецот Славко Винчиќ.

„Ние сме единствената екипа која не е дел од најдобрите пет европски лиги. Тоа можеше да се забележи на овој натпревар. Ова не може вака. Аспиликуета направи барем десет фаули, а не доби јавна опомена. Исто така мислам дека имаше пенал врз Марега. Имаше уште неколку ситуации од кои не сум задоволен од судиските одлуки“, рече предводникот на португалскиот гигант.

Маунт погоди во првиот дел, а Чилвел искористи една катастрофална грешка на домашната одбрана и се прошета до голот на противникот.

Можност за поправен Порто ќе има наредната недела, кога ќе гостува во Лондон на вториот четвртфинален дуел.