Консеисао: Ова е голема победа, ама уште не сме го освоиле Купот!

Фудбалерите на Милан убедливо го совладаа Интер (0-3) во реванш полуфиналето на Копа Италија. Со овој триумф „росонерите“ се пласираа во финалето на ова натпреварување по седум години. Тренерот Серџо Консеисао сепак останува приземјен и нагласи дека ништо не е освоено.

„Ние сме скромен тим кој работи, навистина сум среќен поради своите играчи. Добро се подготвивме за овој натпревар против ривал кој заслужено е во полуфиналето на Лигата на шампионите. Можеби треба да жалиме што не покажавме вакво лице цела сезона. 

Сега јас лично сум малку подобар, поопуштен. Сакам да пронајдеме константност во финишот на сезоната, да ја завршиме како тим поради целокупниот имиџ на овој клуб. Моите играчи заслужија пофалби, а голема благодарност и до навивачите кои имаа трпение за нас. Ова финале е за нив. Едно нешто е сигурно, остануваме на земја бидеќи уште ништо не сме освоиле“, изјави Консеисао.

Финалето на Копа Италија е закажано за 14 мај во рим. Милан го чека својот противник, а голема е веројатноста дека тоа ќе биде Болоња која го победи Емполи со 3-0 во првиот натпревар.