• Иван Димовски
Фудбалерите на Болоња го добија финалето на Копа Италија, совладувајќи го Милан со 1-0 0-0) на „Олимпико“ во Рим. По 51 година овој клуб се радуваше на еден трофеј, а тоа беше од огромно значење за целиот град, навивачи и сите во Болоња. По поразот свој коментар за натпреварот даде тренерот на „росонерите“ Серџо Консеисао, кој кажа:
„Првото полувреме беше избалансирано и имавме неколку шанси да поведеме – а тоа е клучно во вакви натпревари. Признавам, во вториот дел можевме да направиме многу повеќе. Болоња имаше и малку среќа при голот, но не сакам да им одземам ништо – одиграа добро и ја освоија титулата. Сепак, по нивното водство, се играше многу малку фудбал.
Не барам алиби, но имаше две-три спорни ситуации – една од нив беше моментот со Фергусон, кој, според нас, требаше да добие црвен картон. Не сакам тоа да изгледа како изговор, ние требаше да направиме повеќе. Овие финалиња се решаваат на детали тие постигнаа гол, а ние не.
Ги следев своите идеи и не жалам за направените избори, лесно е да се биде тренер со поглед наназад. Првите 25 минути не беа лоши. Ова беше борбен, конкурентен натпревар, каде секој дуел можеше да биде решавачки – тоа ја отсликува нашата сезона. Разочарани сме што не освоивме трофеј, посебно заради нашите навивачи кои беа фантастични. Им честитам на фудбалерите на Болоња, одиграа паметно, а ние некако бевме празни кога најмногу требаше“.
Милан ќе ја заврши сезоната со освоен трофеј во Суперкупот на Италија, но сè уште нема обезбедено место во ниту едно европско натпреварување.