Консеисао: На полувреме се гледавме во очи, им кажав дека не сум тука за да се дружам

Фудбалерите на Милан по неверојатен пресврт го совладаа Јувентус во полуфиналето од Суперкупот на Италија со 1-2 и против градскиот ривал Интер ќе се борат за првиот овосезонски трофеј во италијанскиот фудбал. 

Португалскиот стратег Серџо Консеисао на тој начин со победа ја започна својата ера во Милан, а по натпреварот истакна дека на „Сан Сиро“ не пристигна да се дружи, туку да победува. 

„Во животот ви треба страст. Фудбалот е страст, емоција. Ова се убави моменти. Моите момци ја заслужија победа, заслужија да играат финале. Во првото полувреме не бевме на ниво и моравме да менуваме. На полувреме разговаравме и се гледавме во очи. Фудбалерите мора да разберат што да направат за да победат на овој натпревар. Требаше само да го направат тоа што го договоривме, а доколку загубевме со два-три разлика, јас ја преземам вината. 

Работам со многу квалитетна група. Фудбалерите ја прифатија пораката и добија тренер кој не се смее многу. И баш тоа ме прави среќен, бидејќи не сум тука да се дружам, туку да победувам. Тоа е најважното“, рече новиот тренер на Милан. 

Финалето меѓу миланските гиганти е закажано за понеделник, со почеток од 20:00 часот.