ВИДЕО: Консеисао ја „искина пајажината“ од римскиот гол, а Гати го спаси Јуве од пораз во Рим

Фудбалерите на Рома пропуштија шанса за клучната побе во трката за местата кои што водат во Лигата на шампионите, затоа што против директниот конкурент Јувентус водеа со 3-2 до судиското надополнување, но примија гол и дуелот заврши 3-3.

  • Извештај од натпреварот:

Домашниот тим беше поактивен на стартот од натпреварот и уште во првите триесет минути создаде неколку опасни ситуации пред голот на гостите, но одбраната на Јувентус успеваше да ги неутрализира обидите. Најзрелата шанса ја имаше Донел Мален, кој во 25. минута излезе сам пред Матија Перин, но голманот на Јувентус беше на висина на задачата и ја сочува својата мрежа. Рома продолжи со притисокот и иницијативата конечно се исплатеше во 39. минута кога Весли Франса со прецизен удар ја затресе мрежата на „старата дама“ за водство од 1-0. До крајот на полувремето Јувентус се обиде да возврати и да дојде до израмнување, но домашниот состав сигурно ја сочува предноста, па на паузата Рома замина со гол предност. 

Но, само што започна вториот дел Франциско Консеисао испрати „проектил“ по една одбиена топка и донесе израмнување за Јувентус. Примениот гол само ги охрабри домашните фудбалери одново да го нападнат противничкиот гол и Ндика ја врати предноста на Рома. Десет минути подоцна, Мален не си дозволи да погреши по вторпат и со својот шести овосезонски гол за седум натпревари стрелаше за 3-1. 

Возбудувањата во Рим не застанаа, затоа што нововлезениот Џереми Бога во 78. минута намали на 3-2, а во последните секунди од дуелот резервистот Федерико Гати од отпадок ги постигна конечните 3-3. По 27 одиграни кола Рома е четврта со 51 бода, четири повеќе од Јувентус, кој падна на шестото место.