• Иван Димовски

Фудбалерите на Јувентус го совладаа лутиот ривал Интер со минимални 1-0 (0-0) во претпоследниот натпревар од 25. коло на Серија А. Средбата во Торино на „Алијанц Стадион“ мина во знакот на отворената игра и шанси пред двата гола, ама Јуве повеќе ја посакуваше победата во вториот дел и на крајот стигна до неа.
- Извештај од натпреварот:
Пресметката тргна отворено, екипите сакаа да постигнат голови. Првата голема шанса ја имаше Мехди Тареми кој со ножички го тестира Ди Грегорио, а потоа и од одбиената топка „нераѕурите“ беа опасни. Слично на тоа, на спротивната страна Јувентус имаше три шанси во низа. Се обидоа Консеисао и Коло Муани, ама не успеаја да го пронајдат патот до мрежата. Најзрелите шанси во првиот дел беа на Лаутаро Мартинез и Дензел Дамфрис кој погоди статива.
Во продолжението подобро влезе Јувентус кој беше поконкретен и во неколку наврати Зомер беше на искушенија кои ги одби. Имаше и Интер добра можност, а одново Дамфрис погоди статива. Резултатот беше отворен во 74. минута од натпреварот со погодокот на Франциско Консеисао (1-0). Португалскиот фудбалер само реализира акција во која се истакна Рандал Коло Муани. Французинот добро издрибла и му го намести голот на крилниот фудбалер.
Набргу по постигнатиот гол Јуве имаше уште една колосална можност, по десната напаѓачка страна опасен беше Теун Копмајнерс, а од гол линијата реагира Дамфрис и го остави Интер во игра. Сепак, до крајот на средбата гостите не успеаја да се вратат резултатски и загубија, испуштајќи шанса да го преземат врвот во калчото.
Наполи е лидер со 56 бода, пред Интер кој има 54, па следи Аталанта со 51, а сега Јувентус е четврти со 46.