• Саше Љолес
Серџо Консеисао ја одржа задолжителната прес-конференција пред полуфиналниот натпревар против Јувентус во Суперкупот на Италија.
„Росонерите“ добија нов предводник пред само неколку дена, а Португалецот со голема доза оптимизам го најави мечот и изрази желба за победа над големиот ривал.
„Немав многу време да работам со тимот, но тоа не смее да биде оправдување за било каков непосакуван епилог. Да се биде тренер на Милан не е ризик за тренерската кариера, знам во каков клуб пристигнав и сакам да бидеме успешни на сите полиња.
Јувентус е добар тим, имаат одлични фудбалери кои маестрално се поставени во дефанзива. Наша задача ќе биде да го пробиеме нивниот бедем и да се обидеме да создадеме повеќе шанси за гол.
Во иднина ќе се подготвуваме на ист начин за секој натпревар. Барам напорна работа и посветеност на тренинзите. Сакаме да победиме, тоа ќе биде одлично за сите наши навивачи, но и за самодовербата на екипата. Одиме со кренати глави и со голем оптимизам“, изјави Консеисао.
Двете екипи влегуваат во дуелот после нерешените средби во Серија А против Фиорентина и Рома. Натпреварот помеѓу Јувентус и Милан е закажан за трети јануари во 20:00 часот.





