• Саше Љолес
Копа Америка најверојатно повторно ќе се врати на форматот на одржување на секои четири години, по периодот во кој јужноамериканското првенство се играше на секои две години. Следното издание е планирано за 2028 година, а домаќинството најверојатно ќе им припадне на Соединетите Американски Држави.
Со оваа промена, КОНМЕБОЛ има намера да стави крај на згуснатиот распоред и да избегне дополнително оптоварување на календарот на репрезентациите и играчите. Идејата е Копа Америка повторно да добие поголема тежина и секое издание да се очекува со посебно внимание.
Турнирот во последниот период немаше стабилен ритам, а од 2015 до 2024 година имаше неколку изданија во кратки временски интервали. Последното се одржа во САД во 2024 година, кога Аргентина ја одбрани титулата и стигна до својот 16. трофеј во историјата на натпреварувањето.
Враќањето на четиригодишниот циклус би значело и повторно усогласување со ритамот на Европското првенство, со што најголемите континентални репрезентативни турнири би се одржувале во иста динамика.
За КОНМЕБОЛ, целта е јасна - наместо често повторување на турнирот, поголемо исчекување, поголем престиж и поголема комерцијална вредност на секое ново издание.

