КОНМЕБОЛ: Ако се организира СП на две години, ќе биде без селекции од Јужна Америка

ФИФА сè повеќе размислува за промена на Светското првенство и одржување на турнир секои две години. Сепак, освен челниците на Светската фудбалска федерација и нејзините вработени, ретко кој го прифаќа тој модел. 

Критики пристигнуваат од сите страни, но чекор понатаму отиде јужноамериканската федерација КОНМЕБОЛ. Преку официјално соопштение, тие потврдија дека десетте членки од Јужна Америка нема да играат на Мундијал секоја втора година. 

„Нема причина, корист ниту оправдување за промената која ја промовира ФИФА. Со оглед на тоа што, десет земји кои го сочинуваат КОНМЕБОЛ потврдија дека нема да учествуваат на Светско првенство кое ќе се организира секои две години. КОНМЕБОЛ го поддржува Мундијалот кој е сега на сила, бидејќи е успешен модел кој го наградува трудот, талентот и работата“, стои во соопштението. 

Критиките доаѓаат во главно поради фактот дека веќе сега распоредот е пренатрупан, а организација на Светско првенство секоја втора година освен парични придобивки не нуди ништо. Со играње почесто, Мундијалот ќе загуби на значење пред сè од фудбалска гледна точка.