• Мартин Танасковски

Општина Битола ја информира јавноста за актуелната состојба на тревната површина на стадионот „Петар Милошевски“, по концертите што неодамна се одржаа на овој спортски објект.
Од локалната самоуправа и ЈП „Комуналец“ посочуваат дека уште пред одржувањето на концертите биле преземени сите неопходни мерки за заштита на теренот, а веднаш по нивното завршување започнал процесот на негово обновување и враќање во првобитна состојба.
Како институција задолжена за управување со стадионот, ЈП „Комуналец“ нагласува дека во координација со Фудбалската федерација на Македонија и Општина Битола, репарацијата на тревната површина започнала уште наредниот ден по завршувањето на настаните. Според надлежните, нема причина за загриженост бидејќи обновувањето се одвива според предвидената динамика.
Во моментов службите задолжени за одржување на стадионот секојдневно работат на санација на тревната подлога, додека системот за наводнување е целосно функционален. Од Општина Битола уверуваат дека процесот ќе биде комплетно завршен во краток рок и дека стадионот ќе биде подготвен за следните спортски активности.




