Компани се раздели од Сити со емотивно писмо: Клубот ми даде сѐ...

Капитенот на Манчестер Сити, Винсент Компани, потврди дека на крајот од сезоната си заминува од клубот.

Цели 11 сезони, белгискиот дефанзивец беше дел од тимот кој оваа година испиша историја и стигна до првата тројна титула. Неговиот погодок за победа против Лестер беше еден од моментите поради кои екипата заврши на врвот во Премиер лигата втора година во низа.

Ветеранот се погрижи да напише писмо во кое им се заблагодари на навивачи и на клубот:

„Безброј пати сум го замислувал овој ден. После сѐ, дојде време за крај, после толку многу години. Манчестер Сити ми даде сѐ. Се обидов да вратам колку што можев.

Тешко ми е да ги задржам емоциите, се чувствувам благодарно, на сите кои ме поддржаа на оваа авантура во овој посебен клуб. Се сеќавам на првиот ден, кристално чисто како и на последниот. Се сеќавам на нестварната љубезност на луѓето во Манчестер. Никогаш нема да ја заборавам вашата лојалност, особено не онаа во најтешките времиња. Секогаш ми дававте ветер во грб и поради тоа не се откажав“, стои во писмото на капитенот на „граѓаните“.

Компани пристигна на „Итихад“ во 2008 година од Хамбургер и набрзо ја заслужи капитенската лента која ја носеше до последниот меч на „Вембли“.