• Саше Љолес
Баерн Минхен летово го назначи Белгиецот Винсент Компани за шеф на струката, но германските медиуми пишуваат дека Баварците имале очаен период во кој никако не можеле да пронајдат квалитетно име кое би седнало на клупата за следната сезона.
Се поврзуваа со повеќе имиња како Роберто де Зерби, Јулијан Нагелсман, Ралф Рангник и Јирген Клоп, а во еден момент управата се обратила и кон легендарниот Луј ван Гал, кој за „РТЛ“ изјави дека воопшто не очекувал таков повик и за него тоа било големо изненадување.
„Летово добив неочекуван повик од Баерн Минхен и навистина бев изненаден што се сетиле на мене. Јас одамна реков дека не сакам ангажман во клупскиот фудбал, но можеби би работел како селектор.
Во моментов нема таква опција, па комплетно сум фокусиран на советодавната функција во Ајакс“, рече Ван Гал.
Искусниот холандски стратег седеше на клупата на Баерн во периодот меѓу 2009 и 2011 година, а во тоа време стигна и до финалето на Лигата на шампионите, каде беше поразен од Интер, кој тогаш во составот го имаше и нашиот Горан Пандев.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.