Компани: Чурлинов е дефинитивно играч кој го сакам

Дарко Чурлинов го делат ситници од трансфер во англискиот тим Барнли. Штутгарт и екипата од Чемпионшип имаа преговори кои завршија и од Островот велат дека само медицинските прегледи го делат крилниот играч од трансфер.

Клубот е предводен од белгиската фудбалска легенда Винсент Компани. Некогашниот дефанзивец со богато портфолио говореше за Дарко Чурлинов кажа дека е играч кој дефинитивно го сака во тимот, ама потенцира дека има детали кои мора прво да се завршат.

„Чурлинов е дефинитивно играч кој го сакам. Тоа не е никаква тајна, но постојат некои детали на кои мора да работиме и да ги завршиме. Играчот не е тука, ајде, ќе го наречеме процесот дека е во тек. Тој е универзалец повеќе од крилен играч и може да игра на повеќе позиции. Но, ајде да не говориме многу на оваа тема затоа што може да ја потрошам половина конференција да говорам за играч кој може да дојде, а може и да не дојде“, изјави Компани за англиските медиуми.

Македонскиот репрезентативец минатата сезона ја мина во Шалке 04 како позајмен и играше важна улога во битката за промоција во Бундеслигата. Се тврди дека трансферот на Чурлинов од Штутгарт во Барнли ќе чини пет милиони евра.