• Мартин Танасковски
Италијански Комо продолжува да воодушевува и во новата сезона. Тимот на Сеск Фабрегас, кој беше едно од најпријатните изненадувања во Серија А минатата година, вечерва убедливо славеше на гостувањето кај Џенова со 4-1 и барем привремено се искачи на врвот на табелата.
- Извештај од натпреварот:
По победата над Наполи во претходното коло, Комо уште еднаш потврди дека високите очекувања не се случајни, особено пред дебитантскиот настап во Лигата на шампионите. Гостите можеа рано да поведат, но Коуто во седмата и Нико Пас во 17. минута не ги искористија своите шанси. Казната стигна брзо, па Џенова во 19. минута поведе преку Осмајиќ, кој одлично реагираше на асистенцијата на Коломбо од левата страна за 1-0.
Сепак, радоста на домашните траеше само шест минути. Мартин Батурина испрати вистински проектил од околу 25 метри и ја смести топката во долниот лев агол за израмнување на резултатот. Комо целосно ја презеде контролата, а пресвртот пристигна во 30. минута. Дијао одлично реагираше по нафрлување од десната страна и со волеј удар ја затресе мрежата за 2-1. До крајот на првото полувреме блесна и Нико Пас. По одличната длабинска топка од Коуто, Аргентинецот втрча во шеснаесетникот и со прецизен удар под пречката зголеми на 3-1.
Во вториот дел Комо рутински ја контролираше играта, но не застана тука. Во 78. минута Дијао го постигна својот втор погодок на натпреварот, овојпат по асистенција на Моизе Кен, поставувајќи ги конечните 4-1.
Со оваа победа Комо привремено се искачи на првото место во Серија А, додека Џенова остана закована на дното на табелата без освоен бод по првите три кола од новата сезона.

