• Саше Љолес
Италијанскиот напаѓач, Патрик Кутроне, официјално ја продолжи соработката со новиот калчолигаш, Комо. Екс-играчот на Милан, Фиорентина и Емполи пред две години се врати во родниот град, а минатата сезона со вкупно 14 погодоци му помогна на тимот да се избори за место во Серија А.
Комо ја започнува авантурата во елитниот ранг, а Кутроне останува во клубот и повторно се очекува да биде еден од предводниците на амбициозниот прволигаш.
„Комо е мојот град, тука е мојот дом. Овде се родив и пораснав, имам премногу пријатели и пресреќен сум што играм токму за овој клуб. Минатата година испишавме историја со пласманот во Серија А. Оваа сезона сакаме да го подобриме успехот и да покажеме дека нема да бидеме само епизодисти“, изјави напаѓачот.
26-годишниот Кутроне четири сезони беше дел од Милан, а потоа „луташе“ низ неколку клубови во Англија, Шпанија и Италија. Се чини дека во Комо си го пронајде своето место и досега одигра 68 натпревари, кои ги „зачини“ со 23 постигнати голови. Новиот договор ќе го задржи во клубот до 2028 година.