„Комити“: Затворањето стадиони не решава проблеми, поништете ја одлуката!

Навивачката група на Вардар, популарните „Комити“, се огласија со соопштение по одлуката на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) по консултација со МВР, дуелите од одложеното 17. коло да се играат без публика.

Тензии владеат во земјата заради запаленото македонско знаме, а „Комити“ тврдат дека затварањето на стадионите нема да помогне во борбата со вандализмот кон Македонија, туку за тоа треба да се затворат сите кои на било кој начин се обидуваат да ја уништат унитарноста на Македонија.

Прочитајте го соопштението во целост:

„Скандалозното сквернавење на македонските симболи, кое со години се повторува во континуитет, не се решава со затворање на стадионите. Се решава со затворање на сите кои на било кој начин, се обидуваат да ја нарушат унитарноста на Република Македонија.

Гневот на Македонецот во овој момент е голем но е и целосно оправдан и истиот нема да исчезне, напротив, со носењето на вакви одлуки, уште повеќе ќе се зголемува!

Сметаме дека ваквите одлуки и непопуларни термини, дополнително влијаат и врз лошата ситуација во која генерално се наоѓа мак фудбалот, па затоа бараме од надлежните институции:

Поништување на одлуката со која натпреварите ќе се одиграат во вторник (03.12.2024) и повторно одигрување на истите, наредната недела со присуство на публика!

Покрај тоа, апелираме до Управата на ФК Вардар, веднаш да се одважи и да го прифати нашето уредно поднесено барање, натпреварот против ГФК Тиквеш, да биде одигран во вечерен термин!“

Натпреварите од одложеното коло во ПМФЛ ќе се играат во вторник од 13:00 часот.