„Комити“ со јасна порака: Нема да толерираме вакви дебакли!

Навивачката група „Комити“ испрати јасна порака до фудбалерите по поразот од Шкендија (0-2) во второто коло на ПМФЛ. Самиот неуспех не е спорен, поразите се составен дел од фудбалот, ама навивачите им замеруваат на фудбалерите поради незалагањето и лошиот перформанс. 

„Комити“ го критикуваа пристапот на играчите на Вардар и нагласија дека на мечот со Шкендија не виделе ништо од она што треба да го краси тимот.

„Ние секогаш сме за тимот, а вие изгубете се во димот!

Порази имало и ќе има, а во минатото токму тие моменти не правеле посилни, затоа што јасно се гледала желбата и мотивот за да се победи на теренот, затоа што јасно се гледа како се гине кога се сака. Денес на Градски не видовме ништо, едно големо НИШТО од сето тоа кое треба да го краси Вардаровиот тим!

Не сте свесни колку сме бесни, како и сите вардарци и затоа веднаш на почеток да ви биде јасно дека вакви дебакли нема да се толерираат!

Пораката е јасна“, напишаа „Комитите“. 

По две рунди во мак-фудбалот Вардар има победа над Брегалница (2-0) и пораз со истиот резултат од тетовскиот ривал во трката за титулата. Во следното коло вардарци ѝ гостуваат на Струга Трим Лум.