• Горан Упале
Македонскиот прволигаш Вардар и официјално ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната во ПМФЛ, но наместо позитивна атмосфера во тренинг-базата во Хиподром владее хаос.
Имено, како што информира навивачката група „Комити“, на членови на здружението „35 години вардарци" не им било дозволено да влезат во тренинг центарот на „црвено-црните“, со што бил прекршен договорот меѓу здружениот и новиот сопственик. По тој повод „Комити“ решија да ја блокираат тренинг-базата на Вардар и најавија дека нема да попуштат додека не се решат сите проблеми во клубот.
„Во знак на револт и протест, ги повикуваме веднаш сите наши членови, екипи и навивачи на клубот, да дојдат пред тренинг кампот во Хиподром. Денес им беше забранет влезот за сите официјални членови на маркетинг тимот на клубот, како и за сите останати членови на групата!
Нашиот одговор е јасен:
Нема да биде дозволен влез и излез додека не се решат сите проблеми во клубот и не се испочитува договорот потпишан помеѓу Здружението ,,35 години вардарци" и Атила Бижен Жалили!“, стои во објавата на „Комити“.
Есенската полусезона Вардар ја заврши на претпоследната позиција на табелата со 13 бода, еден повеќе од Воска, исто колку Беса и бод помалку од првиот „безбеден“ Тиквеш.