„Комити“ ќе продаваат виртуелни билети – за спас на Вардар!

Навивачката група на Вардар, популарните „Комити“, почна со акција за продажба на виртуелни билети, со цел да се соберат средства за егзистенција на клубот и барем за каква-таква помош додека трае целата неизвесност на екипата.

Нешто што е чест пример во Европа, доаѓа и во Македонија. „Комити“ ќе тргнат во продажба на билети по цена од 100 денари, а како тие ќе може да се набават, ќе биде познато наскоро.

  • Соопштението на „Комити“ во целост:

Секој од нас бил во ситуација да не е еден од оние среќници кои дошле до карта да бидат покрај нашиот Вардар на важен, историски натпревар. Имало и ситуации кога не сме биле покрај Вардар поради ограничен капацитет, скапи карти, визи, болест, работа, радосни моменти, трагедии...

Ако сме искрени, најголемиот дел од нас не биле покрај Вардар и кога немало никакви изговори, кога зјаел празен Градски иако сите услови ни биле достапни. За секоја критика сме поради тоа...

Во ситуацијава во која се наоѓаме, субјективно гледано немаме директен удел, но во реалноста имаме поради пасивноста на поголемиот дел од нас, и неможноста да се прилагодиме на новонастанатата ситуација по распадот на старата држава, неатрактивноста на првенството и навивачките дуели. Вистинските навивачи се покрај својот клуб без оглед на тоа кој е противник, кога, каде и под какви услови. Со секој натпревар Вардар а и ние сме побогати за ново искуство, дружба, забава, тага, радост...

Судбината понекогаш знае да си поигра со нас, па така на најважниот натпревар во историјата на нашиот Вардар, ни поставува задача да го наполниме Градски, а иронично, притоа да не бидеме физички присутни на трибините.

Капацитетот на нашиот Градски е 36.500 седишта. Очекуваме сите да го дадеме својот придонес и барем виртуелно да го исполниме цел стадион на еден натпревар. Еден натпревар кој ќе ја продолжи надежта на краток рок, но на долг рок ќе биде врежан со печатот на вечноста.

Еден натпревар на кој ќе бидеме отсутни а истовремено нашата присутност ќе се почувствува како никогаш предходно.

Прв домашен натпревар е вечното дерби на Македонија, Вардар - Пелистер закажан за 14 февруари.

Доста беше седење на страна и коментирање - ова е шанса конечно сите заедно да бидеме еден - СПАС ЗА ВАРДАР! Друга опција не е во игра...

Еден билет ќе чини 100 денари. Време е на дело да покажеме колкава е нашата љубов кон Вардар. Ќе има инструкции многу скоро...

Вардар го чека тешка пролет, затоа што носителите на играта си заминаа и според актуелната ситуација сезоната ќе ја доигрува со младинци.