„Комити“ им честитаа на браќата од УГЕ за враќањето на Шалке во Бундес

Екипата на Шалке 04 се врати во германската Бундеслига, а честитки пристигнаа и од Македонија, од навивачите на Вардар, популарните „Комити“.

Навивачките групи на македонскиот и на германскиот клуб се збратимени и долги години негуваат перфектни односи. Шалке 04 по една година се врати во германската Бундеслига со победата над Сент Паули (3-2), а „Комити“ им честитаа.

„Честитки до нашите пријатели од Гелзенкирхен за враќањето на Шалке во првата Бундес лига! Гелзенкирхен - Скопје!“, стои во објавата на „Екипа Пиво“, една од подгрупите на навивачката група „Комити“.

Братството меѓу „Комити“ и „Ултрас Гелзенкирхен“ датира од далечната 2003 година кога двата клуба се сретнаа во тогашниот Интертото куп на УЕФА. Во 2013 година, се одигра ревијален пријателски меч меѓу Вардар и Шалке во Скопје во чест на десетгодишнината од збратимувањето.