Едногласна одлука на „Комити“: Бојкот за ФК Вардар!

Навивачката група „Комити“ донесе одлука за бојкот на натпреварите на ФК Вардар, во знак на револт кон актуелното раководство на клубот. Од групата велат дека бојкотот ќе трае сè додека Управата, предводена од Миленко Неделковски, не поднесе оставка и не си замине од Вардар.

Одлуката, како што наведуваат „Комити“, била донесена на отворен состанок и едногласно поддржана по консултации со сите подгрупи. Причините за ваквиот чекор ги гледаат во начинот на кој клубот функционира, како и во односот кон навивачите, а особено по случувањата на последниот натпревар.

  • Во продолжение ви ја пренесуваме целосната објава на навивачката група:

„Групата на отворен состанок донесе одлука за БОЈКОТ на сите натпревари на ФК Вардар, а истиот ќе трае се додека Управата на чело со лицето Миленко Неделковски, не поднесе оставка и не си замине од клубот! Оваа одлука е донесена и со претходна консултација и разговори со сите подгрупи, на кои истата е едногласно поддржана.

Причините за бојкот се аматеризмот, како и примитивизмот кои владеат во клубот, а кои се директна последица на катастрофалните одлуки кои Управата ги носи на секое поле и поради срамниот однос кон навивачите, кој кулминираше на последниот натпревар кога обезбедувањето на Управата, по наредба на Миленко Неделковски се дрзна и ги нападна децата на групата и клубот, кој претставува последен срамен чин кој нема да се повтори никогаш повеќе, тоа ние ви го гарантираме!

Затоа, во понеделник на натпреварот кој ќе се одигра во 19:00 часот на стадионот ФФМ, против екипата на Арсими ќе присуствуваме за последен пат, за да ја покажеме првично нашата солидарност со младите Вардарци и за да изразиме незадоволство и револт против најсрамната Управа во целата историја на ФК Вардар!

По натпреварот против Арсими, започнува бојкотот и од тогаш фокусот целосно ќе го насочиме кон натпреварите на РК Вардар, за што дополнително ќе известиме“.

Сепак, „Комити“ најавија дека во понеделник ќе бидат присутни на натпреварот против Арсими, по што официјално ќе започне бојкотот на ФК Вардар.