„Комити“ децидни: Никој не може да не спречи да го бодриме Вардар

На изненадување на фудбалската јавност натпреварот од петтото коло на Првата фудбалска лига (ПМФЛ) меѓу Гостивар и Вардар в недела од 15:00 часот ќе се одигра без присуство на гледачи. Наместо во Штип, гостиварчани ќе бидат домаќинит на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари.

Навивачката група на Вардар, Комити реагира на одлуката и најави дека масовно ќе се упатат кон стадионот.

„Одлуката на управата на Гостивар, натпреварот во недела да биде одигран без присуство на публика, ја сметаме за срамна и целосно ја отфрламе. В недела сите заедно ќе се упатиме кон стадионот, со една цел - поддршка за Вардар, сега кога е најпотребна. И тоа никој не може да го спречи.

Ги замолуваме сите кои ќе присуствуваат да не подлегнуваат на никакви провокации и внимателно да ги слушаат инструкциите на надлежните членови. Се враќаме онаму каде што со години, искрено се бранеше црвено-црното. Онаму каде што народот извојуваше голема победа за клубот, во која учествуваа сите генерации на вардарци!

Упатуваме апел до сите нив, до сите генерации, до тебе! Не седи дома, не мисли, време е повторно за борба-за Вардар наш!

Нема никој да ни забрани!“, стои во соопштението на Комити.

Штипскиот судија Пилешков е делегиран да ја дели правдата на натпреварот Гостивар - Вардар.