КОЛУМНА: Никој не зависи од еден човек, на ЕП мора да сме паметни!

Македонија за првпат во историјата ја чекаат натпревари од ваков вид, односно турнирски систем. Европското првенство е голем залак, се играат три натпревари во рок од седум-осум дена. Ова е нешто ново за Македонија, нешто кое за првпат ќе го искусиме и без разлика на тоа што нашите играчи се професионалци и играат во силни лиги, сепак, ќе се соочат со нешто ново. Селекторот и стручниот штаб се свесни за тоа и сите играчи ќе ги употребат што се повикани.

Верувам дека сите се подготвени да се докажат. Ние што сме го прошле овој пат со Југославија на големата сцена, наједоставно знаеме да објасниме. Малку е смешно кога ќе се праша играчите дали се подготвени кондициски. Целата екипа игра заедно цела година, така што тие сигурно се подготвени, но она што треба да се направат е да се освежат играчите за секој да го даде максимумот од своите можности. Кога ние игравме на СП, исто така имавме цела година натпревари. Јасно е дека си уморен од првенствата, па треба сега екипата да се освежи и да се извлече од секој поединец максимум, затоа што не може секој играч да трча исто и да одговори на исти задачи.

Кога се говори за отсуствата кај противниците како Ван Дајк и Ван де Бек во Холандија, Конопљанка и Коваленко во Украина... репрезентација си е репрезентација, не може ниту еден тим да се потпре на еден играч. Ако една репрезентација зависи од еден играч, тогаш таа не е репрезентација. Се работи за друг систем, каде имаш повеќе квалитетни играчи, каде е чест да се игра за тој грб. Не би требало да се оптеретуваме кој ќе игра кај противникот, туку да се фокусираме на нивниот моментален ростер и состав. Затоа што тука може да те изненади оној од кој најмалку очекуваш да е опасен.

Околу играта на ЕП, тука репрезентациите играат на резултат. Нормално е да се калкулира, да се биде претпазлив и затоа што бодовите се важни. Од тој аспект, сметам дека треба да се игра одговорно и да се тргне попретапзливо, да се види екипата против тебе на стартот каква е што е, затоа што Австрија на пример е во мала криза, не може да добие натпревар во изминатиот период. Па, зошто да не го искористиме тоа? Но, не по секоја цена, затоа што тоа може да ни се удри од глава...