КОЛУМНА: Немам дилеми во нашиот квалитет, очекувам да ги нападнеме противничките слабости

Во март игравме три натпревари во една недела и тоа беше добар тест за овој турнирски систем. Тогаш добро одработивме, посебно што нашето најдобро издание пристигна на третиот натпревар против Германија. Не би требало да имаме проблем, сите фудбалери играат во компетивни лиги, нема повредени и сите се во натпреварувачки ритам. Анализата на стручниот штаб верувам дека е направена и спремни сме за шампионатот.

Првиот натпревар е многу битен, веројатно најбитен. Сите тоа го потенцираат во репрезентацијата. Тоа е правилно размислување и правилен пристап. Немам дилеми во нашиот квалитет, но мора да потенцирам дека психолошкиот момент е многу важен. Притисок и позитивна трема секако дека ќе има. 

На секоја од селекциите во нашата група им недостигаат фудбалери. Холанѓаните се најоштетени, Украина е селекција каде тимот е пред индивидуалците, но мора да потенцирам дека и нам ќе ни недостига Несторовски. Многу значи за тимот, и играчки и психолошки. Играчки затоа што немаме друг таков тип напаѓач во ростерот. Треба да менуваме и верувам дека ќе го надоместиме неговото отсуство со друг тип на напаѓач. Психолошки е важно неговото присуство со репрезентацијата, бидејќи со него атмосферата меѓу фудбалерите е подобра. 

Мислам дека нашиот стил на игра на шампионатот треба да биде комбинација на тактичка и претпазлива игра и допадлива и наметлива. Некогаш принудно ќе мора да играме дефанзивно, но мора да имаме алтернатива и, како против Германија, да ги нападнеме противничките слабости. Не очекувам да имаме по 5-6 зрели шанси на натпревар, па затоа е важно тоа што ќе го креираме, макар и полушанса, да го реализираме. Треба да бидеме продуктивни и секако да имаме доза на спортска среќа. Сигурен сум дека противниците се детално скаутирани и фудбалерите ги знаат деталите за секој од ривалите. 

Гледам одличен тим, но и неколку лидери меѓу нашите фудбалери. Пандев е секако капитен и најзначаен наш фудбалер. Адеми е лидер и капитен и во својот клуб. Очекувам многу од него на ова првенство. Клучот е во средниот ред, баш тој дел од тимот кој некогаш ни недостигаше. Сега имаме и добри замени во средниот ред. Велковски е водач на одбраната, паметен фудбалер и покажа вредности на натпреварот против Германија. Го имаме и Елмас, кој е фудбалски позитивно дрзок и како игра и како зборува покажува лидерски способности.