Колку пари ќе заработеше Инфантино ако успееше да го „продаде фудбалот“?

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, можел да има годишни примања поголеми од 30 милиони евра, плус дополнителни бонуси, доколку успееше да го реализира контроверзниот план за создавање нова комерцијална компанија која би управувала со Светското првенство.

Според информациите на повеќе британски медиуми, заработката на Инфантино била директно поврзана со проектот кој предвидувал продажба на 20 отсто од комерцијалните права на Мундијалот на приватни инвеститори. Овој модел требало да ѝ донесе на ФИФА околу 3,65 милијарди евра, но предлогот беше повлечен по силниот отпор од националните федерации и континенталните конфедерации.

Новите детали дополнително ги ставија под знак прашалник претходните изјави на Инфантино дека тој лично нема да има финансиска корист од проектот. Наводната плата од над 30 милиони евра би била десетпати поголема од неговите сегашни годишни приходи, кои се проценуваат на околу три милиони евра.

Британскиот „Тајмс“ наведува дека според документите до кои дошол, Инфантино им понудил на сите 211 национални федерации финансиска поддршка до 35 милиони евра доколку го поддржат новиот модел на функционирање на ФИФА.

Планираната компанија требаше да управува со најважните натпреварувања на светската фудбалска организација, вклучувајќи го и Светското првенство, со можност за влез на приватен капитал.

Федерациите добиле рок од околу 50 дена за да се изјаснат за предлогот, а Инфантино ветил дека со прифаќањето на планот би бил активиран финансиски пакет вреден 8,7 милијарди евра од почетокот на 2027 година.

Доколку предлогот биде одбиен, ФИФА ќе продолжи со постојниот финансиски модел, проценет на околу 2,7 милијарди долари, со веќе планираните средства за националните сојузи.

Идејата предизвика големи поделби во фудбалскиот свет. Најсилен отпор пристигна од УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација и други организации, што доведе до најсериозната криза со која Инфантино се соочил откако е на чело на ФИФА.