Колина: Точноста на ВАР е 99,3 проценти, не сме богови за да бидеме безгрешни!

Легендарниот италијански судија и прв човек на судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, изјави дека ВАР технологијата на Мундијалот е вистински погодок и целосно ја оправда имплементацијата, иако пред почетокот на Светското првенство многумина беа скептици околу истата.

Италијанецот потврди дека судиите со помош на ВАР системот успеале да стигнат до 99,3% на точно донесени одлуки.

„Имавме 335 ситуации во првите 48 натпревари. Судиите без помош на ВАР донесоа 95% точни одлуки, а со помош на видео-технологијата тој процент изнесува 99,3 проценти. Не сме богови да бидеме целосно безгрешни“, изјави Колина.

Иако Колина не сакаше да каже во кои случаеви погреши ВАР системот, според италијанска „Газета дело спорт“ сомнеж има на недосудениот пенал за Србија против Швајцарија и црвениот картон на Џером Боатенг против Шведска.