Колапс во тимот на Давид Тошевски, што ќе биде со Македонецот?

По испаѓањето во втората австриска лига, екипата на македонскиот репрезентативец Давид Тошевски, Австрија Клагенфурт, се соочува со сериозна кадровска криза која е голем удар за клупските цели и амбиции.

Во моментов, под договор се наоѓаат само три фудбалери – Матео Китц, Германецот Лауренц Дејл и македонскиот репрезентативец Давид Тошевски. Каква ќе биде судбината на Македонецот и дали ќе биде продаден за клубот финансиски да добие бенефит, останува да видиме. Тошевски ја имаше една од најдобрите сезони во кариерата во Клагенфурт.

Инаку, тимот досега остана без дури 18 фудбалери, вклучувајќи ги и голманот Симон Шпари и Јаник Робач (двајцата се преселија во Сент Паули, Германија), Кристофер Брајан Цветко (Блау Вајс Линц), Кристофер Верницниг (Рид), Бен Бобцијен (Мајнц 05, Германија) и Никола Биндер (Камбур, Холандија). Сè уште не е позната судбината на неколку искусни играчи, меѓу кои се и поранешниот австриски репрезентативец Мартин Хинтерегер, Торстен Марер и Флориан Јариц – одлуката за нивниот статус ќе биде донесена во следните денови.

Како позитивен чекор, медиумите го наведуваат што клубот неодамна го потпиша искусниот голман Мануел Кутин, кој пристигна од Грасхоперс. 31-годишниот Кутин, инаку внук на поранешниот ски-скокач Хајнц Кутин, ќе ја има улогата на прв чувар на мрежата. Во тимот ќе бидат полека вклучени и неколку млади таленти, тоа се Дино Делиќ (16), Адем Мустафиќ (17), Тристан Шопиќ (18) и Армин Кариќ (20), кои се гледаат како дел од иднината на клубот.

Клубот според медиумите во Австрија новата сезона ќе ја започне со три бода помалку и ќе мора да плати казна од 44.000 евра.