ВИДЕО: Кока во 90. минута го сруши Бешикташ за ново славје на Коњаспор

Фудбалерите на Коњаспор врзаа четири победи во низа во Супер лигата на Турција, откако триумфираа во пресметката против Бешикташ со 1-0 (0-0). Дуелот во Коња во рамките на 19. коло не понуди погодоци до самиот крај, ама резервистот Кока во последната минута од регуларниот тек успеа да донесе славје. 

  • Коњаспор - Бешикташ: 

Бешикташ имаше јалова надмоќ над домаќинот. Притискаше и се обидуваше да го загрози противничкиот гол, ама не им одеше баш најдобро. Најдобрите шанси за гостите ги имаа Озјакуп и Батшуаји, чии удари ги скроти голманот Шехиќ. На спротивната страна се обиде Цикалеши, но на паузата немаше резутлатски промени. 

Во вториот дел одново Бешикташ беше поопасен, а своите можности не ги искористија Гезал и Јосеф, бидејќи видно расположен меѓу стативите на Коња беше голманот од Босна и Херцеговина. Победоносниот погодок падна во 90. минута откако Скубиќ нафрли на петерецот, а таму Кока со атрактивен удар во пад преку себе налик „ножички“ донесе домашно славје. 

Коњаспор по 19 кола се наоѓа на втората позиција од табелата со седум бода дефицит зад Трабзонспор, додека Бешикташ е седми. 

  • Кајзериспор - Сиваспор: 

Во овој термин се одигра и натпреварот меѓу Кајзериспор и Сиваспор кој заврши со домашно славје (3-0). Гаврановиќ со два и Тиам со еден погодок го решија дуелот уште во првите 23 минути за победа на домаќинот во Кајзер.