• Иван Димовски

Екипата на Шкупи веќе ги прави плановите за настап во Втората лига, но во финишот од елитното првенство, чаирчани сакаат да го искористат секој момент за калење на младите таленти. Претстојното гостување кај Пелистер се смета за идеален тест за младинците, кои низ жешката атмосфера во Битола треба да соберат неопходно искуство.
Еден од столбовите на новиот бран е Венис Кока. Тој е убеден дека тимот е максимално подготвен да одговори на притисокот под „Тумбе Кафе“, каде домашните по секоја цена ќе бркаат бодови за опстанок.
„Нè очекува пеколно тешко гостување во Битола. Пелистер е мотивиран, но ние работевме напорно цела недела и сме подготвени за борба. Секој играч сонува за вакви натпревари – полни со адреналин и притисок. На терен излегуваме со карактер и самодоверба“, изјави Кока.
Традицијата во последните меѓусебни дуели е на страната на Пелистер, кој забележа победи на последните три натпревари. Сепак, во вкупниот биланс, Шкупи е поуспешен со 15 победи во досегашните 20 средби, додека Пелистер има 5 победи, а 5 натпревари завршиле нерешено.
Натпреварот меѓу Пелистер и Шкупи се игра денеска на стадионот во Битола со почеток во 16:00 часот.

