Кој вели дека Лига 1 е досадна: Лудница на пет меча и дури 25 гола!

Возбудлива фудбалска вечер во Франција, полна со голови и пресврти и емоции. Олимпик Марсеј и Анже одиграа возбудливо реми 2-2 на преполниот „Велодром“, во натпревар што изобилуваше со динамика и неизвесност до самиот крај.

Олимпик Марсеј, кој под водство на Роберто де Зерби игра офанзивен и атрактивен фудбал, повторно имаше проблем со реализацијата. Гостите од Анже ги изненадија домаќините уште во раната фаза на натпреварот. Илјан Раолисо мајсторски го проигра Сидики Шериф, кој со прецизен удар во 25. минута го совлада Херонимо Рули и замолкна дел од домашната публика. Олимпик Марсеј се обиде веднаш да реагира, но гостите имаа уште една голема шанса на почетокот од вториот дел, која сепак беше поништена по интервенција на ВАР поради офсајд.

Пресврт се наѕираше во второто полувреме благодарение на одличните измени на Де Зерби. Младиот Бразилец Робинјо Вас, кој влезе на полувреме, постигна два брзи погодоци, во 52. и 70. минута, со што Марсеј направи целосен пресврт и изгледаше дека ќе стигне до победа. Но, фудбалот уште еднаш потсети дека трае до последниот свиреж. Во шестата минута од судиското продолжение, по голема мешаница пред голот на Марсеј, Камара ја искористи шансата и го постави конечниот резултат 2-2, носејќи му вреден бод на Анже.

Дека ова е коло полно со голови ја потврди репутацијата на Лига 1 како една од највозбудливите европски лиги. Само на пет натпревари одиграни во терминот од 21:00 часот беа постигнати дури 25 погодоци. Монако го совлада Нант со 5-3, Стразбур продолжи со одличните партии против Оксер (3-0), а Тулуз и Рен одиграа 2-2. Вистинската фудбалска лудница, сепак, се случи во Париз, на стадионот „Жан Буен“, каде што речиси 20.000 гледачи беа сведоци на реми со 3-3 меѓу Париз и Лион. Лион имаше убедливо водство од 0-3 со головите на Толисо и Шулц, но црвениот картон на Абнер Винисиус го промени текот на натпреварот. Париз успеа да се врати со погодоци на Камара и Кебал, а конечниот резултат го постави Винсент Маркети со првиот допир со топката.