Кој го очекуваше ова? Сити на Пеп не е сигурен ниту за плеј-оф, вака може да испадне

Манчестер Сити продолжува да тоне и сега никој не се плаши да го нападне и да се обиде да го победи. Тоа го направи Јувентус кој исто така е во криза, но славеше со резултат 2-0. Така Сити го врза третиот натпревар без победа во Лигата на шампионите, а верувале или не, тимот на Пеп има една победа на последните десет натпревари!

Сити моментално е 22. на табелата во Лигата на шампионите, на две кола пред крајот, но објективно и со осум бода не треба да се плаши од пласман во плеј-офот.

Но, бидејќи во следното коло гостува кај Пари Сен Жермен, кој има бод помалку и комуисто така „му гори под нозе“, доколку Сити загуби, сигурно ќе биде надвор од местото кое води во следната рунда пред последното коло.  Во последното коло Сити го пречекува Клуб Бриж и извесно е дека со победа и со 11 освоени бода сигурно ќе обезбеди пласман во плеј-офот.

Сепак, притисокот од поразот во Париз и пласманот надвор од плеј-офот пред последното коло веројатно би бил најголемиот и најшокантниот во ерата на Пеп Гвардиола. Засега, статистичарите велат дека девет бода нема да бидат доволни за плеј-офот, што значи дека Сити мора да го победи или ПСЖ или Клуб Бриж.

Треба да се истакне дека во следното коло некои кои му дишат во врат на Сити имаат „зицери“ - како Штутгарт кој има седум бода и гостува кај Слован, додека ПСВ Ајндховен (исто колку и Сити) е фаворит против Црвена Звезда во Белград.

Сега следува пауза од нешто повеќе од еден месец, можеби доволно за Сити да се „ресетира“ и да се врати во посакуваната форма.  Натпреварот меѓу ПСЖ и Сити е закажан за 22 јануари, а седум дена подоцна на стадионот „Итихад“ гостува и Клуб Бриж.