Кој е „рецептот“ за Куп-титула? Прашајте го талисманот Баже!

Баже Илијоски е човекот кој е втор најдобар стрелец во историјата на македонскиот фудбал, но има еден импресивен рекорд кој тешко дека некој некогаш ќе го собори, а тоа е „специјалист“ за Купот на Македонија - пет титули, во пет финалиња!

Човекот моментално е во пензија, а нов предизвик му се тренерските води, затоа што е асистент во стручниот штаб на Работнички. Како фудбалер, Баже Илијоски пред три години се запиша во историјата, откако оствари баланс од пет финалиња и пет победи. Илијоски нема пораз во финалињата: со Работнички се радувал против Милано, Металург и Тетекс а со Металург со Тетекс, и со Пелистер против Шкендија.

Дос Сантос Вандаир и Баже Илијоски се единствените кои имаат пехари со три различни екипи. „Кариоката“ со Цементарница, Вардар и Работнички, додека Илијоски со Работнички, Металург и Пелистер

Кога се работи за настапите, Eсад Чолаковиќ носејќи ги дресовите на Слога Југомагнат, Маџари и Работнички играл вкупно во осум финалиња и е апсолутен рекордер во натпреварувањето Купот на Македонија.

Актуелен бранител на титулата во Купот на Македонија е Академија Пандев. Струмичани во полуфиналето ја добија Брегалница, а победникот од овој двомеч ќе игра со Шкендија или Струга. Моментално мак-фудбалот е во прекин поради коронавирусот, а не се знае дали воопшто и ќе продолжи, иако УЕФА сака да се завршат сите шампионати.