• Горан Упале
Англиската репрезентација до 21 година славеше над Шпанија во финалето на Европското првенство, а за најдобар играч на турнирот е прогласен Ентони Гордон, крилниот напаѓач на Њукасл, во кој Англичаните имаат големи надежи и во иднина.
Ентони Гордон беше име кое често го споменуваа англиските медиуми на почетокот на годината кога го реализираше трансферот од Евертон во Њукасл за 45 милиони евра.
Станува збор за 22-годишен крилен напаѓач кој „крена прашина“ со интересот на бројни англиски гиганти кои беа подготвени да издвојат милиони од буџетот за овој млад човек. Сега тој го покажа целиот свој потенцијал на Европското првенство до 21 година, водејќи ја англиската репрезентација до титулата шампион на „стариот континент“. Таа награда ја заслужи со головите против Германија во групата и Португалија во четвртфиналето, а забележа и една асистенција против Чешка.
Гордон е роден во Ливерпул, а неговото фудбалско патување започна во фудбалската школа на истоимениот клуб. Сепак, неговиот фудбалски пат го однесе во синиот дел на Ливерпул, Евертон, бидејќи од академијата на Ливерпул беше оценет како неталентиран. Тој продолжи да се развива во Евертон, а своето деби за првиот тим го имаше кон крајот на 2017 година, на возраст од само 16 години. Тоа беше на натпреварот од Лига Европа против Аполон од Лимасол, кога тој влезе на теренот во последните минути од мечот. Три години подоцна, Гордон дебитираше во Премиер лигата. Сепак, во Евертон оценија дека тој сè уште не е подготвен за сениорскиот тим и го испратија на позајмица во второлигашот Престон.
По враќањето на „Гудисон Парк“ почнаа неговите добри настапи и многу брзо стана клучен играч на Евертон. За овој млад човек пошироката фудбалска јавност дозна по интересот на Челзи, кој беше подготвен да понуди голема сума за неговите услуги, но Евертон не сакаше да го продаде за сума пониска од 60 милиони, бидејќи беше важен играч во борбата за опстанок во највисокото ниво на англискиот фудбал.
Сепак, во зимата 2023 година, токму кога згаснаа гласините за трансфер, Ентони Гордон се сели во Њукасл, кој плати отштета од 45 милиони евра. За Њукасл сè уште го чека првиот гол, но „страчките“ го купија со надеж дека ќе биде еден од темелите на супер-тимот што го градат за во иднина. На Европското првенство го претстави својот квалитет, а од следната година ќе има можност да го покаже раскошот на својот талент на најголемата клупска фудбалска сцена - Лигата на шампионите.
Уште еден во низата преценети Англичани или иднината на нивниот фудбал? Ентони Гордон ќе ги открие одговорите на овие и многу други прашања во годините што доаѓаат.