Кој е Македонецот кој ги тренираше Мајкл Оливер, Ентони Тејлор, Клемен Турпан...

Gol.mk ексклузивно интервју

Сашо Даневски е професор по специјално физичко вежбање и спорт на Воената академија во Скопје, кој веќе шест години е соработник на Фудбалската федерација на Македонија, а воедно три години е ангажиран и во УЕФА како фитнес-тренер за судии и асистенти судии.

Родениот крушевчанец неодамна имаше еден супер-интересен ангажман и беше еден од петте фитнес-тренери на судиите кои ја делеа правдата на Европското првенство во Германија. Gol.mk реши да поразговара со него, а тој со задоволство ја прифати поканата.

„Европското првенство претставува најголем настан кој УЕФА го организира во нејзини рамки. Знаев уште пред 14-15 месеци дека ќе бидам делегиран за континенталниот собир и во овој период работевме на подготовка на тренинзите за сите судии.

Базата на судиите беше во Франкфурт и тоа беше појдовна точка за сите што беа одредени да работат на натпреварите од Европското првенство. Во мај месец имавме работилница со судиите, со цел да ја провериме нивната физичка подготвеност. Потоа изработивме седумнеделен план за сите судии и тие ни се приклучуваа во завиност од тоа кога завршуваа нивните национални првенства. Судиите мораа да имаат одредена пауза меѓу последниот меч во домашниот шампионат и почетокот на ангажманот на Европското првенство.

Тука вклучивме неколкудневни тренинзи и спортски активности кои не подразбираа трчање, а потоа започнавме со градење на мини-база за Европското првенство. Се работи за елитни судии, најдобрите во Европа, кои знаат што ги очекува и сите пристигнаа максимално подготвени и фокусирани на предизвикот“, вели Даневски.

Прашавме дали овие тренинзи се интензивираат во периодот пред почетокот на првенството и каква е процедурата за сите судии кои јавноста потоа ги гледа на натпреварите.

„Тренажниот процес се базира врз индивидуалните потреби и капацитети. Имаме една комплексна матрица во ексел, знаеме на кои натпревари ќе работат судиите и точно се знае кој ден што треба да работиме. На еден ден пред мечевите се работат таканаречените „match preparations”, им остававме можност да спроведат и нешто по своја волја, некој свој ритуал и слично, но голем дел од нив побараа и наша помош, затоа што ние имаме доста ментални игри и активности кои можат да им помогнат на самиот натпревар.

За првпат на ова првенство беше воведена и интеграција која имитира движење на судиите за време на мечевите, со изложување на реални ситуации на теренот. Ние имавме подготвено над 20 сетови со по 10 клипови, каде судиите дотрчуваат до екранот, го гледаат спорниот момент и носат одлука дали има пенал или не, односно дали има потреба од некаква дисциплинска мерка.

Отидовме чекор понапред, обезбедивме еден ист инцидент кој може да се види само од агол на главниот судија или на асистентот, а потоа со заедничка тимска работа и комуникација носеа конечна одлука за дадената ситуација. Во одредени моменти истото го правевме со придружба на гласна музика и импровизирана бучава од публика, за да бидат поблизу до реалното доживување на стадионот. По завршувањето на натпреварот, сите се враќаа во базата во Франкфурт, каде имавме процес на опоравување и одмор, а потоа се фокусиравме на подготовката за следниот натпревар“, рече Даневски.

Нѐ интересираше дали базата во Франкфурт може да се окарактеризира како своевиден карантин и дали судиите смеат да вршат некакви тренинзи кои се надвор од предвидената програма на фитнес-тренерите, на што Даневски одговори потврдно:

„Сите бевме во изолиран објект кој се наоѓа надвор од Франкфурт. Судиите не смеат да тренираат на своја рака, но за овие потреби ние им обезбедивме функционални тренинзи кои се надвор од предвидената програма, како возење велосипед, вежбање во фитнес-сала, а за овие тренинзи бев одговорен лично јас. Имавме над 240 учесници кои се пријавија за дополнителни тренинзи. Тоа се различни програми со низок и висок интензитет, вежби за подобрување на техника, трчање, мобилност и брзина. Затоа бевме вкупно пет тренери, кои спроведувавме помеѓу три и пет различни тренинзи во исто време.

Постојат и ситуации каде што некои судии самите кажуваат дека им е потребен дополнителен одмор, ние тоа сериозно го земаме предвид и им го овозможуваме тоа. Се работи за најголеми професионалци во овој сегмент, тие секогаш се искрени и никогаш не отстапуваат од максималниот пристап кон дадените задачи.

Бев навистина изненаден од пристапот на судиите и од нивната професионалност. Имав индивидуални тренинзи со одредени судиски тројки, меѓу кои беа и познати арбитри како Шимон Марчињак, Клемен Турпан, Иштван Ковач, Артур Суарез Диаз, Славко Винчиќ, како и со Французинот Франсоа Летексие, кој го судеше финалето помеѓу Шпанија и Англија. Ми се допаѓа тоа што до мене не стигнуваат никакви информации за нивната работа и арбитражата на самите натпревари, туку се фокусирам само на моите задачи кои се однесуваат на физичката подготовка“, задоволно вели Даневски. 

Сакавме да дознаеме повеќе за тоа како изгледа еден тренажен ден на судиите, каква е нивната програма и дали тренинзите се интензивираат на денот пред натпреварот. 

„Ќе го земам за пример денот пред натпреварот. Судиите започнуваат со појадок помеѓу 7 и 8 часот, a потоа заминуваат во нашата база, каде започнуваме со тренингот во 10:00 часот. Се трудевме нивните тренинзи да ги комплетираме во период од 60 минути. Имавме разни видови на загревање за да нема монотонија во вежбите, а тренинзите беа различни во зависност од тоа колку натпревари досега одработеле судиските тројки. Со нив секако беа и асистентите и нивните помошници, што значи дека се работи за групи од шест лица. 

Имавме два сета од по пет видео-снимки. Асистентите го имитираат движењето на теренот, со промена на правец и интензитет, потоа гледаат снимки од импровизиран инцидент на екранот, имаа посебен инструктор за одлуките, а потоа продолжуваа со тренингот. Особен акцент дадовме на тимската работа, односно на снимките кои се гледаат само од еден агол, сѐ со цел конечната одлука да биде вистинска и правилна. 

Потоа имаат период од 15 до 20 минути, во кој можат да се истегнуваат или малку да вежбаат во фитнес-сала, но тоа веќе беше по свој избор. Околу 17 часот попладне имавме и алтернативни тренинзи, за кои судиите самите се пријавуваа. Ние одлучувавме дали за конкретните индивидуи има потреба од такво нешто и воедно ги адаптиравме сите дополнителни тренинзи во зависност од потребите“, дециден е нашиот фитнес-тренер. 

Моравме да прашаме дали сите судии имаат иста програма, односно дали тренингот на главните судии се разликува од оној на асистентите, а воедно и што се случува доколку некој од судиите заработи некаква повреда во текот на натпреварот. 

„Судиите имаат различна програма. Судиската екипа е составена од пет лица. Не работат со ист интензитет, главните судии имаат понаков тренинг, затоа што тие трчаат многу повеќе од асистентите. Во пракса се покажа дека главниот судија во просек трча околу 10 километри, а ние работиме на компаративна анализа која докажува дека главните судии просечно трчаат малку повеќе од играчите на теренот.

Силните тренинзи мора да бидат адекватни и внимаваме да не дојде до некакво големо оптоварување, иако има и такви судии кои бараат да бидат изложени на дополнителен напор. Доколку се случи повреда на главниот судија, неговото место го зазема четвртиот судија, а доколку се повреди некој од асистентите, на теренот втрчува петтиот судија“, објаснува Даневски. 

За крај, нѐ интересираше колку е Даневски задоволен од неговата работа на Европското првенство и кои се идните планови и ангажмани под капата на УЕФА. 

„Овие ангажмани ми дадоа нов предизвик на професионален план. Ние во Македонија направивме голем прогрес во минатите пет години и ја етаблиравме нашата земја на меѓународно ниво. Јас сум прв македонски фитнес-тренер кој ја добил оваа задача, а исто така сум првиот тренер кој активно зема учество на летните и зимски УЕФА семинари и веќе трета година водам самостојни курсеви за развој на млади талентирани судии од осум држави. 

Во септември ќе се одржи нов семинар во Женева, каде ќе ги тестираме елитните УЕФА судии, како и оние кои во меѓувреме станале професионални УЕФА судии. За мене сето ова претставува огромна сатисфакција и исполнување на животниот сон. 

Јас претставувам мала држава и доаѓам од Крушево, кој е исто така мал, но прекрасен град. Некој да ми кажеше во минатото дека ќе работам со елитни судии на УЕФА само ќе се насмеев, но сега тоа за мене стана дел од мојот живот. Уживам во тоа што го остварив и постигнав, но сето тоа се должи на макотрпниот труд што го вложив изминативе години. 

Би сакал да продолжам со ангажманите под капата на УЕФА и сигурен сум дека успешната работа на Европското првенство само ќе го збогати моето резиме, кое ќе биде пресудно за понатамошните предизвици во кариерата“, заклучи Даневски. 

Сашо Даневски беше еден од петте фитнес-тренери, заедно со неговите колеги од Србија, Белгија, Португалија и Англија. Успешно ја претстави нашата земја на континенталниот собир во Германија и се надеваме дека и во иднина ќе продолжи со успешната работа.