• Мартин Танасковски
Вардар ќе се соочи со финскиот шампион КуПС во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, а станува збор за клуб кој во последните години бележи значителен напредок и е меѓу најсилните екипи во Финска.
КуПС е фудбалски клуб од градот Куопио и настапува во Веикауслига, најсилното фудбалско натпреварување во Финска. Домашните натпревари ги игра на Градскиот стадион во Куопио. Клубот е основан во 1923 година и има богата историја зад себе. Во своите витрини има осум шампионски титули на Финска, пет трофеи во Купот на Финска и еден Лига куп. Според вкупниот број успеси, КуПС се наоѓа на четвртото место на вечната листа на најуспешни фински клубови.
Најголемиот успех во поновата историја го оствари минатата сезона, кога ја освои осмата шампионска титула во државното првенство, а истовремено стигна и до финалето на Купот на Финска. Особено импресивен беше нивниот настап на европската сцена. КуПС успеа да се пласира во лигашката фаза од УЕФА Конференциската лига во сезоната 2025/26, што беше прво вакво достигнување во клупската историја.
Со една победа и четири нерешени резултати во шест натпревари (победа со Слован Братислава 3-1, реми со Дрита 1-1, Бреидаблик 0-0, Лозана 0-0, Кристал Палас 2-2, пораз само од Јагјелонија 0-1), финскиот тим обезбеди место во плејофот за нокаут-фазата и стана првиот клуб од Финска кој успеал да ја мине лигашката фаза на едно европско натпреварување и да стигне до елиминациските рунди.
Тимот е предводен од Мика Нутинен, фински тренер, за кого овој колектив е најголемиот предизвик во кариерата, по асистентска улога во ХЈК Хелсинки. Екипата има единаесет интернационалци, другите се играчи од Финска. Се работи за играчи од Австрија, Шведска, Гана, Аргентина, Никарагва, Уганда, Брегот на Слоновата Коска и Франција. Најбројни се странците од Гана, вкупно тројца.
Вредноста според „Трансфермаркт“ на КуПС изнесува 5,8 милиони евра. Сезоната во Финска моментално е во тек, КуПС по 12 одиграни меча се наоѓа на третото место на табелата со 21 бод, четири помалку од лидерот Интер Турку. Најдобар стрелец е центарфорот Хаиме Морено од Никарагва со шест постигнати гола.

