• Мартин Танасковски
Фудбалот уште еднаш покажа зошто е најсаканата игра на планетата, игра во која и малите имаат право да сонуваат. Овојпат, приказната доаѓа од далечниот Атлантски океан, каде малата островска држава Зеленортски Острови направи историски подвиг и обезбеди пласман на Светското првенство во фудбал.
Оваа земја, со нешто помалку од 550.000 жители, што на пример да кажеме е колку половина Скопје, кој е главниот град на Македонија, успеа да го постигне она што до пред неколку години изгледаше невозможно. Со тоа, Зеленортските Острови станаа најмалата земја по територија која некогаш изборила учество на најголемиот фудбалски настан во светот, а втора најмала по број на жители, веднаш зад Исланд, кој во 2018 година на Мундијалот во Русија настапи со популација од околу 340.000 луѓе.
За оваа мала африканска нација, која се наоѓа на неколку стотици километри од западниот брег на континентот, пласманот на Светското првенство е остварување на сонот на генерации фудбалери и навивачи. Зеленортските Острови, кои во изминатите години постепено го градеа својот фудбалски идентитет, го запишаа своето име меѓу најдобрите благодарение на дисциплина, колективна игра и неверојатна верба.
Инаку, кога ќе се направи анализа Зеленортските острови не се составени од некои ѕвезди. Играчот со најмногу настапи е капитенот Рајан Мендеш, 35-годишен напаѓач кој е соиграч на Дарко Чурлинов во турски Кочаелиспор. Тој е и лидер како најдобар стрелец во историјата со 22 постигнати гола и има најмногу настапи - вкупно 90.
Тука се Возиња и Стопира, кои играат во португалски Шавес, односно Торенсе, а најскапи играчи им се Кевин Ленини од Краснодар и Вагнер Пина од Трабзонспор, двајцата проценети на по 5.000.000 евра. Вкупната вредност на тимот се проценува на 28,4 милиони евра.
Националниот тим, познат како „сини ајкули“, со овој успех ја потврди својата репутација како еден од најамбициозните состави на африканскиот континент. Пласманот на Мундијалот ќе има големо значење не само за спортот, туку и за националниот идентитет и гордост на државата, која ќе се најде на светската сцена рамо до рамо со најголемите фудбалски сили.
