„Кога срцето игра до последна секунда“: ФФМ им се заблагодари на мак-фановите!

Фудбалската федерација на Македонија им се заблагодари на македонските фанови за големата посета и приредената атмосфера на синоќешниот натпревар на нашата најдобра селекција против Велс.

Во рамките од второто квалификациско коло за пласман на Светското првенство во 2026 година, Македонија и Велс одиграа трилер-натпревар на арената „Тодор Проески“. До 90. минута мрежите мируваа, а потоа следуваа лудо судиско продолжување. Миовски погоди за огромна радост на трибините и водство на Македонија од 1-0, но Брукс буквално во последните секунди се погрижи Велс непоразен да замине од Скопје.

„Кога срцето игра до последната секунда... Благодарност до публиката за неверојатната поддршка“, стои во објавата на ФФМ со неколку фотографии од синоќешната атмосфера на трибините.

Над 25.000 фанови синоќа ја бодреа борбената Македонија, која по двете воведни кола има четири бода и е на делба на првата позиција, токму со Велс.