• Иван Димовски
Репрезентацијата на Австралија се пласираше на Светското првенство, откако славеше против Перу со 5-4 по пенал-рулетот во Катар. „Сокеросите“ изборија место меѓу најдобрите светски репрезентации во натпревар без шанси и голови, кој го решија пеналите.
Херој на Австралија е голманот Ендру Редмејн. 33-годишниот чувар на мрежата на Сиднеј влезе во игра на местото на Метју Рајан во последните секунди од дуелот, а потоа ја оправда довербата.
Редмејн пред одлучувачкиот пенал кој му го фати на Алекс Валера, направи шоу и стана хит низ светот. Имено, голманот на „сокеросите“ практично танцуваше пред шутот, скокаше од нога на нога и мафташе со рацете, сè со цел да го збуни противникот и успеа во тоа.
- Одлучувачкиот пенал на дуелот во Катар:
Овој симпатичен потег веднаш стана вирален низ спортскиот свет, Редмејн се претвори во херој и Австралија слави нов пласман на Мундијалите.