„Кога играчите ќе сфатат дека Вардар може повеќе – ќе направиме повеќе!“

Вардар на гостински терен одигра храбро и освои бод против Гостивар (1-1). Радува играта во второто полувреме на „црвено-црните“ кои покажаа голема агресивност и го ставија ривалот под притисок, па заслужено се изборија за бод.

Новиот тренер Срѓан Захариевски е задоволен од исходот на овој дуел. Вели дека ако се сумираат настаните, нерешеното е реален епилог на стадионот во Маџари, а искрено се надева дека овој резултат ќе биде пресвртница во резултатската ситуација во Вардар. Воедно, тој потенцира дека самодовербата кај играчите е падната по лошиот старт, но се надева дека се ќе се поправи.

„Најпрво, не знам дали да честитам за освоениот бод, јас кажав уште првиот ден кога дојдов, секој меч ќе одиме на победа. Тремата во првото полувреме и неквалитетниот пас ни направи доста проблеми, не можевме да изнесеме топка, но вториот дел го компензиравме со поголема борбеност. Вардар може повеќе и подобро. Кога играчите ќе сфатат дека можат да се натпреваруваат, ќе направиме повеќе. Да не заборавиме дека играчите немаат голема самодоверба. Кога ќе дојдат победите, Вардар ќе игра поквалитетно. Задоволни сме од бодот, против себе имавме квалитетен ривал. Гостивар има страшни неколку поединци, а измените им носат голема разлика.

Фудбалот некогаш можеш да одиш чекор напред, па еден пораз те враќа назад. Ние ќе настојуваме да ги добиваме натпреварите, уште од првиот ден најавив дека екипата ќе се бори. Ќе играме агресивно, но ни треба и некое време да минеме заедно. Се надевам дека ќе играме подобро на следните мечеви.

Направивме една тактичка измена, јас сум секогаш искрен - ние тргнавме со два централни шпицови, но бев свесен дека може да не функционира додавањето. Омерагиќ одигра добар меч, но во овој момент, со два шпица, го губиме она кое јас го сакав. Играчите за врска доста се трошеа. А, во вториот дел кога внесовме играч за врска, тоа беше Закариќ, имавме повеќе играчи“, изјави Захариевски.

Најтрофејниот колектив во среда го очекува меч во Купот на Македонија против Новаци, додека во следното лигашко коло на 22 септември, тимот игра на гости со Тиквеш.