„Коцкарот“ од Италија по десет месеци се враќа во дресот на Њукасл

Њукасл потврди дека суспендираниот Сандро Тонали ќе се врати на терените на 28 август. Тонали беше суспендиран поради незаконско обложување и неговата 10-месечната суспензија ќе заврши во последните денови од август. 

Се очекува тој да игра на натпреварот од второто коло во Лига купот против Нотингем Форест на 28 август и да биде достапен за натпреварот од третото коло во Премиер лигата против Тотенхем на „Сент Џејмс Парк“.

Поранешниот италијански репрезентативец е казнет врз основа на истрага што ја покрена обвинителството во Италија. Тој беше суспендиран на 10 месеци, а покрај тоа мораше да направи осум месеци рехабилитација од коцкање.

Пред Њукасл, Тонали играше за Бреша и Милан, со кој го освои Скудетото во 2022. Минатото лето се пресели во Њукасл за 64 милиони евра и на „Сент Џејмс Парк“ пред суспензијата одигра 12 натпревари и постигна еден гол.