• Мартин Танасковски
Тони Блум, милијардер и познат аналитичар во светот на обложувањето, повторно покажува дека неговиот модел базиран на податоци може да донесе револуција во фудбалот. Откако направи извонредни резултати со Брајтон и Унион Сен Жилоаз, сега истата филозофија успешно ја применува и во Хартс.
По влегувањето во структурата на клубот, Блум воведе систем кој целосно се потпира на анализа на податоци, од изборот на тренер, па сè до скаутингот и селекцијата на играчи. Наместо скапи засилувања и звучни имиња, фокусот е ставен на откривање потценети таленти од помалку експонирани лиги низ Европа.
Играчите кои пристигнуваат во Хартс често доаѓаат од фудбалски пазари како Словачка или пониските рангови во Норвешка, но благодарение на прецизно дефинираниот систем, тие брзо се вклопуваат и даваат резултати.
На почетокот на сезоната 2025/26, Блум самоуверено изјави дека Хартс може да се носи со гигантите како Селтик и Ренџерс. Во лига во која доминацијата на „Олд Фирм“ трае со децении каде последен шампион надвор од тие два клуба беше Абердин во 1985 година, ваквата изјава звучеше нереално за многумина.
Но денес, ситуацијата е поинаква. Хартс се наоѓа на врвот на табелата, додека нивните најголеми ривали се соочуваат со нестабилни резултати.



