Кочоски: Ќе ни недостига Гудиаби, но имаме и други адути во ростерот

Со победата над Академија Пандев и минувањето на границата од 40 бода, Пелистер нема за што да стравува во последните две кола и сега дури има и теоретска шанса да го напаѓа петтото место на Работнички. Натпреварот против Шкупи во Скопје утре попладне е последна шанса за гостински бодови пролетва.

Валентин Кочоски има голем респект за чаирчани, но верува во растеретеноста на Пелистер како адут за први бодови против Шкупи сезонава. 

„Целта е исполнета, растеретени сме и мислам дека ни следи добар натпревар,. Имаме самодоверба и очекуван добар и отворен натпревар. Шкупи е одлична екипа и го покажа тоа на последните два натпревари против нас. Ни следи оворен дуел и верувам дека ќе го поправиме билансот на гостувањата пролетва“, вели стружанецот.

Голем хендикеп за битолчани ќе биде неиграњето на Омар Гудиаби, кој нема право за настап против клубот кој го позајми на Пелистер.

„Гудиаби беше откритие за нас сезонава. Ќе ни недостига утре, но имаме и други адути кои соодветни ќе го заменат“, завршу Кочоски.

Капинковски најавува неколку промени во стартниот тим, а сигурна е промената на голот, каде шанса ќе добие Филип Трајчевски од првата минута.