ФОТО: Клуж надополни два гола негатива и по пенали триумфира во Купот на Романија

Фудбалерите на Клуж дојдоа до четвртата титула од Купот на Романија, откако во финалето играно на националниот стадион во Букурешт го совладаа тимот на Динамо Букурешт по изведување на пенали, со оглед на тоа што регуларниот дел од мечот заврши со резултат од 2-2. Новиот шампион, иако имаше негатива од 2-0, успеа да ја надополни со гол во самиот финиш и на крајот сосема заслужено по пенали да се радува на успехот.

Динамо Букурешт одлично го отвори мечот, откако преку Гнохер кој реализираше пенал во 23. минута поведе со 1-0, за да десетина минути подоцна поведе и со 2-0 со голот на Бицфалви. На стартот на второто полувреме се разбудија и фудбалерите на Клуж кои најпрво со голот на Хуан Карлос во 47. минута намалија на 2-1, за да во самиот финишот на мечот, со голот на Кристијан Лопез израмнат на 2-2.

Со оглед на нерешениот исход мечот замина во две продолженија од по 15 минути, но ниту екстра периодот не беше доволен да се реши победникот, па така се пристапи кон изведување на пенали. Повеќе среќа во пенал-рулетот имаше тимот на Клуж, кој откако ја доби фудбалската лотарија со резултат од 4-5, на крај направи комплетен пресврт за освојување на Купот.