• Мартин Танасковски
Поранешниот германски репрезентативец и екс-фудбалер на Реал Мадрид, Сами Кедира, повторно ќе се врати на „Сантијаго Бернабеу“, но овојпат во нова улога.
Според шпанска „Марка“, Кедира ќе биде дел од стручниот штаб на Жозе Мурињо и ќе ја извршува функцијата помошник-тренер во новата ера на португалскиот стратег во Реал Мадрид. За Кедира ова претставува враќање во клубот каде што настапуваше од 2010 до 2015 година и каде што беше еден од клучните играчи токму во првиот мандат на Мурињо.
Во дресот на „кралевите“ германскиот играч од средниот ред освои една титула во Примера, трофеј во Лигата на шампионите, два Купа на Кралот, Суперкуп на Шпанија, Суперкуп на УЕФА и Светско клупско првенство.
Кедира ја заврши својата професионална кариера во 2021 година како фудбалер на Херта Берлин, по што веднаш започна да се подготвува за тренерска кариера. Од ноември истата година посетуваше тренерски едукации, а во 2023 година беше советник во раководството на Штутгарт заедно со легендарниот Филип Лам.
