Клучен ден за фудбалот: Ќе се гласа за правила кои можат да го променат спортот!

Денешниот ден може де биде од круцијално значење за суштината на фудбалот. На годишното собрание на ИФАБ ќе бидат изгласани нови правила кои ќе стапат на сила од сезоната 2026/27, а фокусот е ставен на спречување на одолговлекувањето и проширување на овластувањата на ВАР.

Една од главните промени кои ИФАБ ги предлага ќе биде временско ограничување при изведување аут и корнер, по примерот на правилото од осум секунди кое веќе важи за голманите. Дополнително, заменетите фудбалери ќе мора да го напуштат теренот во рок од десет секунди, а се разгледува и правило според кое играч што добил лекарска помош ќе мора извесен период да остане надвор од играта.

Ќе се разговара и ќе се усвојуваат промени за користењето на ВАР технологијата. Планирано е проширување на ВАР протоколот, кој досега опфаќа гол, пенал, директен црвен картон и погрешен идентитет. Во иднина би можеле да се прегледуваат и ситуации со втор жолт картон кога постои очигледна судиска грешка, особено по цела драма во „Дербито на Италија“ меѓу Интер и Јувентус. Ќе се разгледуваат и дополнителни технолошки решенија, како употреба на камери на судиите, пракса што веќе беше тестирана на клупското Светско првенство на ФИФА во Мајами.

ФИФА и ИФАБ ќе реагираат по спорниот пенал на Хулиан Алварез минатата сезона во Лигата на шампионите. Аргентинецот имаше двоен допир со топката, а сега ќе се усвојат промените на правилото за такви ситуации. 

Моментално, „Венгеровиот закон за офсајд“ е само теорија и ќе се дискутира, ама е далеку од разгледување за имплементација.