Клубовите од ПЛ се обединија против Њукасл, само Сити не учествуваше на состанокот

Клубовите од Премиер лигата гласаа против можноста во следниот месец Њукасл да може да потпишува спонзорски договори.

Тоа го сторија на итен состанок во понеделникот, плашејќи се дека новите сопственици на „страчките“ од Саудиска Арабија би можеле да ги заобиколат правилата за финансиски фер-плеј.

На состанокот присуствуваа претставници на 19 од 20 клубови од Премиер лигата, отсуствуваа само оние од Манчестер Сити. На крај 18 гласа отидоа во корист на одлуката за привремена забрана во период од еден месец, во кој ќе треба да се регулираат правилата за ова прашање.

Според правилата на Премиер лигата, клубовите имаат право да пријават загуба од 105 милиони фунти во период од три години.

Прекумерните договори за маркетинг би можеле на вештачки начин да ги покажат приходите на клубот и со тоа клубовите ги заобиколуваат правилата и трошат повеќе отколку што им е дозволено.