Клубовите од Чемпионшип кажаа гласно „НЕ“ за воведување ВАР-технологија

Клубовите од англискиот Чемпионшип, второто по ранг натпреварување во Англија, донесоа одлука да не воведат технологија слична на ВАР, и покрај иницијативите таа да се користи веќе од следната сезона.

Станува збор за поедноставена верзија на системот, позната како „видео поддршка“ во фудбалот, која бара помалку ресурси и му овозможува на секој тренер по два „челенџа“ по натпревар. Сепак, и покрај презентацијата и разгледувањето на предлогот, клубовите јасно се изјасниле против било каква форма на видео-преглед во лигата. Главните причини за ваквата одлука се финансиските трошоци, но и стравувањата дека воведувањето на ваква технологија може да влијае негативно врз динамиката на играта и доживувањето на навивачите.

Иако дел од тренерите во последниот период јавно повикуваа на воведување на ВАР-техонологија или сличен систем за да се намалат судиските грешки, мнозинството клубови не покажале подготвеност да ја поддржат таа идеја.

Во моментов, технологијата за гол-линија ќе продолжи да се користи, додека идејата за воведување видео-помош е ставена „на мирување“ и тешко дека повторно ќе биде разгледувана во блиска иднина.