Клубовите на готовс: Квалитетот од Борец сега може лесно да се „ќари“

Борец од Велес повеќе нема да биде спонзориран од Кочо Анѓушев. Играчите се слободни, иднината на клубот е неизвесна. Барем така се одлучи на последната средба на Управниот одбор на велешани, па клубовите од ПМФЛ сега тријат раце, затоа што може лесно да добијат на квалитет.

Причината за одлуката за повлекување на бизнисменот е незадоволството од односот на Општинскиот фудбалски сојуз на Велес, но и на федерацијата. Дека во Велес се играше квалитетен фудбал, говори фактот дека Борец е во средината на табелата, а да не загубеше бодови на некои натпревари во финишот, можеше да биде во борба за Европа.

Тренерот Горазд Михајлов отсекогаш важел за одличен педагог и тактичар, тоа го докажа во Борец, а има тим кој е на цена и играчи кои може да бидат сериозно засилување за останатите прволигаши.

Најскапиот играч од сите во актуелниот ростер е хрватскиот офанзивец Никола Прелчец. 31-годишникот беше најдобар играч на велешани и сигурно ќе биде мета за некои од прволигашите. Тука се и стандардниот дефанзивец Стојан Стојчевски со големо прволигашко искуство, бекот Филип Ристовски, стоперите Никола Ристески, Борха, Оливер Стоименовски, Кристијан Ефтимов, играчот за врска Роберт Коцев, тука е и Филип Трајановски, младиот Лука Трајковски...

Велес по повлекувањето на Кочо Анѓушев и неговата компанија „Брако“ од ФК Борец загуби многу. Затоа што Борец во последните пет години се издигна и стана квалитетен прволигаш кој ги загрозуваше дури и најдобрите.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.