• Саше Љолес
Свонси одлично ја започна новата сезона во Чемпионшип и по девет одиграни натпревари има 20 бода, резултат што му дава причина за оптимизам и на Лука Модриќ, кој е дел од сопственичката структура на клубот.
Велшкиот тим бележи одлични резултати на стартот од сезоната и во моментов е лидер на табелата. Свонси досега постигна 15 гола, а прими вкупно седум, што потврдува дека екипата функционира прилично добро на двата краја од теренот.
Последниот триумф против Норвич со 2-1 дополнително ја зголеми самодовербата во тимот, кој ќе се обиде да продолжи во ист ритам и на следниот предизвик, гостувањето кај Милвол.
Модриќ стана дел од сопственичката структура на Свонси во април 2025 година, а добрите резултати на клубот секако се позитивен сигнал за амбициите поврзани со неговиот развој.
Пласманот во Премиер лигата е главната цел за екипите што се борат за врвот во Чемпионшип, вклучително и за амбициозниот Свонси. Првите две места носат директна промоција, додека тимовите од третата до шестата позиција играат плеј-оф за преостанатото место.
Свонси засега има одлична почетна позиција, но вистинскиот предизвик ќе биде да ја задржи добрата форма во можеби најтешката лига во светот.



